Уставниот суд ќе решава дали ценовниците за политичко рекламирање фаворизираат четири партии
Уставниот суд денеска ќе одржи седница на која ќе го разгледа барањето на лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, да се испита уставноста на Изборниот законик со кој според него се фаворуизираат големите политички партии бидејќи добиваат повеќе пари од буџетот за политичко рекламирање.
Според подносителот на иницијативата одредбите содржани во членовите 75-ѓ и 76-д од Изборниот законик, во кои се регулирани ценовниците за платено политичко рекламирање во медиумите и начинот на исплатата на средствата, фаворизираат четири политички партии со што директно се загрозуваа политичкиот плурализам.
Во иницијативата се наведува дека на тој начин се дискриминираат кандидатите кои имаат поинакви политички уверувања и им се оневозможува еднаков пристап до средствата за јавно информирање, како и до средствата од буџетот кои биле одвоени за таа намена.
Подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски одредби се загрозува основното уставно начело на еднаквоста и дека со тие одредби се внесува непропорционалност во политичкиот натпревар.
Уставниот суд денес ќе расправа на своја иницијатива и за графата со националност во изводите што ја иницираше министерот Кренар Лога и со денови ја правда во јавноста , како и за барањето на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, да се оцени уставноста на одлуката на спикерот на Собранието да не ја проследи иницијативата за дополнителен референдум до надлежните собраниски работни тела