Македонија Новости Топ Вести

Мицкоски обвини дека „случајот Феникс“ е театар

Мицкоски смета дека случајот „Феникс“ е „театар пред јавноста“. Според СДСМ, злоупотребени се 57 милиони евра со кои можеле да се изградат 33 градинки.

Владејачките партии и опозицијата жестоко се обвинуваат околу истрагата на Обвинителството за борба против организиран криминал под кодно име „Феникс“, а која што се однесува на злоупотребите со проектот „Скопје 2014“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека случајот „Феникс“, во кој се осомничени повеќемина поранешни функционери од партијата за  злоупотреби и перење пари, е „театар пред јавноста“. Со фрлањето сенка на идентитетските обележја, оцени тој, се негира македонскиот идентитет. 

„Ако имало дело, тоа ќе било решено пред седум, осум-девет години. И второ, продолжува на тој начин да се негира македонскиот идентитет зашто така се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици кои имаат за цел да прикажат историски континуитет на битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет. Можеби е добро со камерите да појдете до споменикот во Слупчане и таму да прашате кој ја дал дозволата за градба, кој и како го финансирал“, рече Мицкоски при посетата на општина Кисела Вода. 

„Предистрага и за Слупчане, Зајас, Колари…“ 

Тој го охрабрува обвинителот да отвори и една таква предистрага. „Или може сакате да одиме до Зајас, до Колари, или сакате до уште неколку места да ве однесам во Македонија каде што има такви нелегални градби и каде има основано сомневање за еден поспектакуларен случај од овој што служи за дефокус од криминалите на овие неколку семејства кои денеска ја имаат заробено Македонија“, рече Мицкоски, откако претходно ДУИ преку соопштение обвини дека ВМРО-ДПМНЕ е „судски потврдено криминално здружение со лично признание на пола партија пред суд“.

Мицкоски е уверен дека на наредните избори граѓаните ќе пратат порака дека за некои, место да останат на власт, е време да заминат во Идризово. Ваквата реакција следи откако владејачката СДСМ на прес-конференција наведе дека осомничените се обвинети за злоупотреба на 57 милиони евра. Според партијата, со овие средства можеле да се изградат 33 нови детски градинки ширум државата. 

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *