Македонија Новости Стил

Релаксација- неопходност во справувањето со стресот и чувар на здравјето (3. дел )

Клубови за смеење

Инспириран од сознанието дека изразот на лицето има влијание и на емоциите и ‘дека умот не знае дека го залажуваме‘ ако со умисла, намерно, барем се насмевнеме, индинскиот доктор Мадан Катариа, во 1995 година, ја создал Смеа-јогата. На почеток главен акцент ставил на имитирањето на звуците и движењата на животните, како начин човекот да се насмее самиот на себе додека имитира мајмун на пр., но и да ги насмее другите во групата, а познато е дека смеењето е заразно. Подоцна го дефинирал системот на вежби за смеење на кои им ги придодал и техниките за дишење и истегнување од јогата. Ако притоа имаме на ум дека и движењето на телото доведува до опуштеност на мускулите, веднаш ни е јасно дека и релаксацијата е дел од овој систем. Всушност со еден збор би можело да се каже дека овој систем содржи и релаксација и смевотерапија. Скептичниот ум би можел веднаш да заклучи дека Индиецот му продал на западниот човек ветер и магла, особено ако го има податокот дека клубовите за смеење станале своевиден феномен по брзината со која се формирале, прво во Америка, а потоа и ширум Европа. Но, науката докажува дека тој систем ‘држи вода‘.  Индискиот доктор, всушност им понудил лесна, забавна, брза релексација, придружена со смеење а разултатите  од тоа биле големи- подобро здравје. ‘Подобро –здравје!‘, што би рекла мудроста на нашиот народ.

Денес многу водечки компании во светот, на своите вработени им огранизираат смеа јога во своите простории затоа што е докажано: ‘Преку смеа јогата на работното место се намалува крвниот притисок, се покачува нивото на серотонинот и еднорфинот а стресот на работното место може да се намали за 1 минута само со 1 смеа јога вежба. Преку смеа јогата се градат позитивни врски помеѓу вработените, се зголемува концентрацијата, креативноста и продуктивноста.‘

Искуствата и сознанијата од таа пракса, Маднан Катариа ги опишува и во својата книга ‘Смеење без причина‘ (2002 г. )

Инаку, Маднан Катариа е човекот кој ја прави првата прослава на смеењето, во својот град Мамбаи, Индија, во 1998 г, а денес, во првата недела на мај, тој ден е светски ден на смеата кој се празнува на јавни места со единствена цел- смеење.

Смеењето како телесна вежба за подобро здравје

Човекот е животно надарено со смев, рекол Аристотел, а за тој израз на чувствата својствен само на луѓето, се изјасниле и многу други мислители, филозофи, книжевници, а секако и психолози. Позната е Шекспировата ( во ‘Венецијанскиот трговец‘ ) поделба на луѓето во поглед на смеењето, на две категории: ‘Природата лудациве ги дала: се смеат едни, жмиркаат и чиниш/папагали на гајдар му се смеат./ а други, гледаш, скиснати во лика ни заб за насмев да обелат./ па макар Нестор да се заколне дека смешно е нешто.‘ А, народната мудрост по ова прашање се изразила преку следниве фрази: се смее како луд на брашно; да му покажеш  прст ќе се насмее; а во другата крајност: ни на живо, ни на мртво, не се смее. Помеѓу тие две крајности- ведрината, веселоста го потврдува правилото за златната ( во овој случај здрава) средина.

Психолозите и психијатрите во целост се согласуваат со оваа поделба на луѓето која ја дале и Шекспир и народната мудрост. Во клинички случаи спаѓа и едната и другата категорија. А, можноста за излекување, тврдат тие, кај првите настапува кога хистеричното, од ништо предизвикано смеење, ќе ја замени, за тој случај, вистинската емоција-плачот. Кај, другите, пак, тешки депресивни состојби, излекувањето е на повидок кога личноста која не  се смее ‘ ни на живо, ни на мртво‘- ќе се насмее.

Големиот ‘филозоф на медицината‘ германскиот доктор Парацелзус, уште во 16 век рекол дека смеењето е одличен лек, а современите психолози го застапуваат тврдењето дека смеењето треба свесно да се негува затоа што е –чувар на здравјето. Откако Сорбонскиот професор, доктор Пјер Ваше и експериментално докажал дека смеењето е здраво, воведена е во терапевтски цели- смевотерапијата. Доволно е половина час смеење неделно, рекол тој, за да се сочува доброто здравје, но и за да се подобри веќе нарушеното. Тоа не се однесува само на менталното, психичкото здравје, туку има и сеопфатна физиолошка предност, бидејќи човекот е психофизичко битие.

Значи, современата медицина го проучува смеењето и неговото делување на организмот и заклучува дека многу поволно делува и на белите дробови, крвните садови, на мускулната напнатост, а ги топи и маснотиите,и всушност се препорачува и како ‘одлична телесна вежба за сите кои поголемиот дел од времето го минуваат седејќи‘.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *