Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ со околу 300 учесници
Околу 300 изведувачи на изворниот мелос од земјава и гости од Србија и Бугарија ќе учествуваат на 49. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што ќе се одржува утре во Прилеп и в сабота на Рудина, Долнени.
Фестивалот речиси пет децении го негува, одржува и го чува богатото фолклорно наследство.
– Изведувачите од сите краишта со голема љубов и очекување се нестрпливи да се појават на сцената, да го прикажат она што го имаат како свое, како своја традиција и музика. Нашата цел, како Фестивал е јасна, да не отстапиме од традиционалното, изворното. Нашата задача е токму тоа. И преку сите теоретски предавања, на Семинарот и практичната работа со новите генерации, вели Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и уметнички директор на Фестивалот.
Во рамки на Фестивалот, веќе 13-та година се одржува Семинарот за изучување на народните инструменти и песни. Досега, фолклорот го изучувале над 150 учесници од земјава и од Грција, Русија, Србија и Бугарија. Годинава, има 12 семинаристи од средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ од Скопје кои на Семинарот работат од 27 јуни и со програма ќе настапат на првата фестивалска вечер.
– Семинарот веќе традиционално се одржува и го продолжува оној сон на Пеце Атанасовски за младите генерации да ги изучуваат инструментите, вели Горан Василески, претседател на Фестивалот.
Младите изучувачи на фолклорот се вистинските македонски амбасадори во светот.
– Се надевам дека по овој Семинар, овие идни уметници и репрезенти на нашата музичко-играорна па и фолклорна традиција, ќе заминат со поголемо знаење кое понатаму ќе го презентираат не само во нашава држава, туку и низ цел свет, вели Горанчо Ангелов од Музичката академија при Универзитетот во Штип, предавач на Семинарот и член на Собранието на Фестивалот.
Во фоајето од Центарот за култура „Марко Цепенков“ утре од 11 часот ќе се одржи симпозиумот „Фолклорот во минатото и денес“ и ќе се промовира Зборникот со трудови од 12 стручњаци кои обработуваат теми од фолклористиката, а од 19 часот е свеченото отворање на Фестивалот и првата фестивалска вечер на камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп. Ќе настапат дел од изведувачите, а на крајот ревијален концерт ќе одржи „Танец“ од Скопје.
В сабота од 19 часот на Рудина, Долнени ќе се одржи втората фестивалска вечер. По настапот на изведувачите, жири-комисијата ќе ги избере најдобрите и ќе бидат доделени Гран-при наградата за најдобри изведувачи и „Гајдата на Пеце“ на најдобриот гајдаџија што ја обезбедува општина Долнени.