Македонија Новости Топ Вести

ВМРО-ДПМНЕ ја прекинува официјалната комуникација со власта и билатералните средби, соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоск

Единствено за што е подготвен да разговара, како што рече, се брзи избори. Сите понуди кои беа на маса за уставни измени се минато, а отворен е патот само за предвремени парламентарни избори, потенцираше Мицкоски, по вчерашната изјава на вицепремиерот Маричиќ дека расчистен е теренот за ВМРО- ДПМНЕ да даде поддршка на уставните измени. Мицкоски и денеска од Штип повтори дека ако уставните измени поминат, тој ќе поднесе оставка, но уверен е дека ниту еден од пратениците од неговата партија нема да гласа за.

– Комуникација со власта немаме, оваа недела имавме седница на Извршниот Комитет на партијата и донесовме едногласна одлука дека како ВМРО-ДПМНЕ ги прекинуваме сите комуникации официјални на билатерално ниво со претставници од владата. По една година, кога имаа време за национален консензус, можам да им кажам на Ковачевски, Османи, Маричиќ, останатите – повеќе нема ништо на маса. Има само една работа – да седнеме и да се договориме за изборите, кога и како ќе бидат, на кој начин, со техничка или без техничка Влада. Од овој момент па натаму нема да зборувам ништо поврзано со уставните измени, туку единствената работа која би сакал да ја зборувам е за брзи парламентарни избори оваа есен, изјави Мицкоски.

По најавата од премиерот Ковачевски дека уставните измени ќе влезат во собраниска процедура во следните две недели, Мицкоски вели дека тие ги очекуваат во законодавниот дом цела година, а пролонгирањето на постапката, според него, е јасен показател дека промена на Уставот не може да се случи без опозицијата.

– Имаме процес на одложување, а тоа значи дека тие немаат поддршка да го направат тоа што го прифатија без да ја консултираат опозицијата и македонскиот народ. А кога народот и опозицијата нуди решение за национално единство и консензус, тие континуирано играат на карта интересот на Бугарија и ги одбиваат овие иницијативи коишто ги дава опозицијата и народот, кажа Мицкоски.

И додека од ВМРО-ДПМНЕ инсистираат на предвремени избори, премиерот Ковачевски вчера повтори дека изборите кои ги бара опозицијата се одвоен процес и тие ќе се случат следната година во редовен термин, без разлика на исходот со уставните измени. На тврдењата од власта дека има разговори со идеолошко крило од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и со пратеници кои се противат на партискиот став, од опозициската партија уверуваат дека ставот против промена на уставот под бугарски диктат, останува непроменет.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *