Култура Македонија Новости Топ Вести

„Струшки вечери на поезијата“ годинава ќе се одржи под мотото „Чувствотворен јазик“

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП) годинава од 24 до 28 август ќе се одржи под мотото „Чувствотворен јазик“. Оваа година главните поетски читања ќе ги предводат повеќе од 25 странски и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.

„Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик како јазик створен, односно создаден од чувства, но и јазик што создава чувства. Исто така сакаме да ја потенцираме моќта на поезијата да создава нови зборови и да ја менува, односно да ја збогатува нашата претстава за светот па во таа смисла таа е и чудотворен јазик. Ваквиот поетски јазик е предизвик и за најновите трендови на алгоритмите на вештачката интелигенција коишто генерираат јазик врз поинакви принципи, врз принципите на семантички корелации и математички пресметки“, истакнаа организаторите на денешната прес-конференција.

Свеченото отворање традиционално ќе биде на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновски“. Во рамки на програмата ќе се одржи поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен Венец“, Влада Урошевиќ. Настанот ќе биде на 26 август во катедралната црква Св. Софија во Охрид.

Пред поетскиот портрет на Урошевиќ, информираат од СВП, во црквата Св. Софија ќе се одржи свечен настан по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов кој бил и претседател на првиот Фестивалски Одбор. 

Чествувањето на Шопов ќе продолжи со изложба на фотографии поврзани со неговото учеството на Струшките вечери на поезијата и неговиот придонес за основањето и развојот на Фестивалот. Организаторите најавија и промоција на негови преведени изданија на неколку јазици.

Годинешната програма предвидува и портрети на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Гевин Бредли и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август. Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“.

По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, во рамки на прогрмата на СВП ќе биде отворена изложба за животот и делото на овој унгарски поет.

Од СВП најавија и Тркалезна маса на тема „Поетскиот јазик и вештачката интелигенција“. 

Во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, оваа година ќе биде издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е македонскиот поет и философ Иван Џепароски.

„Оваа антологија содржи избор од поетското творештво на досегашните добитници на наградата, во чии песни се застапени мотивите на флората и го актуелизира книжевно теорискиот пристап на еко поезијата и еко критиката“, рекоа од СВП. 

Програмата на фестивалот целосно се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП.

Фестивалот ќе се затвори со поетско читање на препознатливата локација – Мостот на поезијата.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *