Хипнопедијата и сугестопедијата, како алтернативни методи на учење, се повеќе се применуваат, особено при изучувањето на странски јазици. Хипнопедијата, поради својата специфичност- учење во сон, својата примена повеќе ја остварува на индивидуален план. Впречем, можете ли да замислите да се запишете во школа за странски јазици, каде би спиеле два-три часа, додека некој ви предава? Но, хипнопедијата се применува и во терапевтски цели. Авторот на книгата ‘Мудрост од потсвеста‘, германскиот хипниотерапевт Мориц Бернер, работeл со деца од 5 до 14 години, коишто имаат извесни потешкотии при учењето. Неговата терапија е збогатена и со поновите психолошки сознанија кои се однесуваат на бајките и во таа смисла не е ‘класична хипнопедија‘, бидејќи децата не ги учат во сон школските предмети. Како и да е, учат да применуваат нови стратегии во учењето ,да бидат посмирени и поконцентрирани. Неговата терапија се применува во тек на две недели и како снимен материјал подоцна се користи во домашни услови. Имено, родителите им го пуштаат на децата пред спиење или непосредно по заспивањето и, велат, дава добри резултати.
Сугестопедијата на Георги Лозанов, по својата природа, секако е пофлексибилна во однос на практичната примена, со самото тоа што се одвива во свесна состојба. Освен во Софија, успешно се применува и во Канада, во нивната администрација каде се наметнала потребата службениците да знаат два јазика, англиски и француски, а како што споменавме овој метод е петпати поефикасен.
Интересна е првичната примена на сугестопедијата токму во Канада, кога сеуште била сфатена како експеримент и се одвивала под продолжена медицинска контрола и по завршувањето на курсот. Др.Габриел Расел изјавила дека посетителите на курсот освен што добро научиле странски јазик, научиле и да влијаат на своето расположение и здравје и да се релаксираат секогаш кога ќе посакаат. Овој пристап кон учењето, според неа, е од корист за целокупната личност и не само што психосоматските проблеми (главоболки, грчеви во стомакот и сл.) исчезнуваат, туку и личноста се развива, станува посигурна во себе, покреативна и полесно се изразува.
Со успешна комбинација на super learning методот на учење странски јазици кој се применува во CIA и големите мултинационални компании како Coca-Cola, IMB, FORD и други, и методот на Георги Лозанов- сугестопедија, Татјана Карловиќ од Загреб го создава својот метод Alfa Visual Supermemory, за кој ја добива златната значка Инова, во 1989 г. Веќе следната година во Загреб, во Отворениот Универзитет почнува да се применува нејзиниот метод на учење на странски јазици. Немаме информација дали се уште тој Универзитет опстојува.
Но, дали хипнопедијата, сугестопедијата и новите методи кои се базираат на сознанијата од нив, успешно се применуваат само при изучувањето на странски јазици? Секако не. Човековиот мозок и во состојба на длабок сон / делта мозочни бранови/ и во релаксирана состојба /алфа-мозочни бранови/, е способен да апсорбира најразлични содржини. Можеби е само прашање на време или на ‘слухот‘ на луѓето од образованието, кога и други програмски предмети би се изучувале според еден од овие два алтернативни методи. Некаде во светот. Македонија е се’ уште многу далеку од овие трендови.
Како и да е, брзото темпо на живот и обврските што тоа ги носи, немањето доволно време да се изучуваат знаењата кои програмски не се изучуваат, се повеќе го насочуваат и ќе го насочуваат човекот кон креативно искористување на времето поминато во состојба на спиење, односно кон хипнопедијата. А, се што е потребно за тоа е доволно екпериментаторски дух. Ако го имате- спиењето за вас може да стане констуктивно искористено време. Или, мислите дека е ова научна фантастика?
Дрога за повеќе памет
Дека експериментирањето може да отиде во крајност и да ја допре ‘зоната на самракот‘, историјата нуди безброј примери. За оваа прилика, и во овој контекст, нека ни послужи примерот со јапонските научници кои во деведесетите години пронашле дрога, со која поглупавите или помрзливите ученици, можат да постигнат поголеми резултати и од најинтелигентните кои не ја користат. Истражувајќи ги ефектите од таа се уште ‘непозната дрога’, заклучиле: ‘ Веројатно ги активира двете страни на мозокот и е толку ефикасна бидејќи навлегува во делот за меморирање.‘ За можните штетни последици не се знае или не се говори, освен за единствената лоша страна на таа дрога- нејзиното кратко дејство во зависност од јачината- час и половина или добри четири часа. Од тој временски ефект, всушност и се движи нејзината цена на црниот пазар и во САД, кадешто била прошверцувана од Јапонија: инстант повеќе памет за 200 до 5оо долари.
Дека сето ова не е пренапумпано и дека експерименталната дрога нашла широка практична примена говори и изјавата на јапонски студент, кој секако сакал да остане анонимен: ‘ Оваа дрога е фантастична. Моите родители беа фасцинирани кога видоа какви резултати постигнувам, но не би сакал да дознаат на кој начин добив толку високи оценки и се изедначив со најдобрите студенти‘. Користењето на супстанца кој дава вишок памет /иако краткотрајно/ им е познато и на професорите, а тие засега единствена ‘одбрана‘ од инстант- генијалците ја гледаат само во ненајавените тестови за проверка на знаењето.
‘Фантастичната дрога‘ неодоливо не упатува на култниот научнофантастичен роман на Томас Диш ‘Логор на концентрацијата‘, каде се говори токму за експериментирање со дрога која го зголемува коефициентот на интелигенција. Во тој контекст, нема да биде непотребен следниот извадок од романот на Диш: ‘ Ние сме гуски, а Хаст и Баскова не клукаат со западната култура. Со наука, уметност, филозофија, со се’ што може внатре да се напика. Нештата кои ни ги дадоа, го признавам ова- ја надминаа LSD. Со елесди мислиш како се’ да знаеш, но со ова, жими Бога, навистина знаеш. Се’ што сега знам, како разговарам со тебе- сето тоа е поради ПЕ- тоа нешто што ми го дадоа‘
Добар доказ, зарем не, дека научната фантастика и науката, често во историјата, во некои сегменти, имале допирни точки.
Каде оди светов, би можеле да се запрашаме, доколку би сакале да морализираме, но немаме таква намера. Затоа во шега ќе наведеме можности кои можат да бидат многу пострашни, ако ова со дрогата за повеќе памет ви се чинеше страшна. Канибалскиот обед, имено, сфатен како чин на магиско пренесување на животодавната крв или на храброста /ако изедете срце на храбар човек/, или за знаење и памет, ако го изедете мозокот на, професорот, на пример. Во споредба со овие ‘алтернативни методи‘ и сугестопедијата и хипнопедијата се чинат толку класични и конзервативни, токму како добро загревање на столчето со книга во рака.