Се разбира, ова е само почетокот, не можам во оваа фаза да ги најавам и другите, сепак, покоректно е тоа да го направат самите земји. Ова е само почеток на една верига на такви резолуции во кои ќе биде потврдено тоа што е во преговарачката рамка во смисла на јазик, идентитет итн., порача шефот на дипломатијата
Резолуцијата за државава, која според најавите задутре ќе ја усвои Германија, а со која ќе се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на патот кон Европската Унија, според министерот за надворешни работи Бујар Османи, е прва во низата вакви резолуции во кои ќе биде потврдено сето она што е потврдено и во преговарачката рамка – идентитетските атрибути на земјава, но на ниво на одделни држави.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Министерството за надворешни работи (МНР) е во комуникација со други европски држави за таква поддршка, Османи посочи дека активности во таа насока се почнати уште по усвојувањето на преговарачката рамка, а конкретниот резултат почнува од германскиот парламент – Бундестагот.
„Се разбира, ова е само почетокот, не можам во оваа фаза да ги најавам и другите, сепак, е покоректно тоа да го направат самите земји. Ова е само почеток на една верига на такви резолуции во кои ќе биде потврдено тоа што е во преговарачката рамка во смисла на јазик, идентитет итн“,рече министерот Османи.
Германскиот парламент в четврток, 15 јуни, ќе расправа за процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија и се очекува да усвои резолуција со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на тој пат, потврдија во интервју за „360 степени“ пратениците во Бундестагот, Томас Хакер и Борис Мијатовиќ.
Хакер од либералите и Мијатовиќ од зелените – и двајцата дел од владејачкото мнозинство во пресрет на дебатата за европскиот пат на Северна Македонија, в четврток на пленарна сесија на Бундестагот очекуваат дека резолуцијата ќе добие поддршка и од опозициските демохристијани од ЦДУ.
Најавата на веб-страницата на германскиот парламент за дебатата на оваа тема е илустрирана со сложувалка во која еден дел од знамето на ЕУ е македонското државно знаме.