Современата теоретичарка, философка и уметница Марина Гржиниќ денеска во 13 часот во Музејот на современа уметност ќе одржи предавање „ПАНКОТ и : Распетлување на сексот и политиката во расниот капитализам“.
Како што наведуваат организаторите – Фестивалот за квир култура, уметност и теорија Викенд на гордоста 2023, Гржиниќ го испитува потеклото на оваа идеја која ја мапира во преодот од студениот социјализам на осумдесеттите години од 20 век, кога музичката група „Боргезија“ го објавува деби-албумот „Љубовта е постудена од смртта“ (Ljubav je hladnija od smrti) во зимата 1983-84 година, и сегашниот период кој Седрик Џеј Робинсон во неговото капитално дело од 1983 година, „Црнечки марксизам: Создавањето на радикалната црнечка традиција“ го нарекува „расен капитализам“. Се интересира за расплеткувањето на нештата кое треба да почне оттука, каде политиката е токсична работа, граѓанското општество е вџашено, а маргинализираните активни.
Од 1983 година, Гржиниќ е вработена во Филозофскиот институт при Научниот и истражувачки центар на Словенечката академија на науките и уметностите (ЗРЦ САЗУ), а од 2003 година е редовна професорка на Академијата за ликовни уметности во Виена, Австрија. Нејзините теоретски дела ја обработуваат современата постмодернистичка филозофија и естетика и се насочени кон теорија на идеологија, теорија на технологија, биополитика/некрополитика, видеотехнологија и трансфеминизам споено со политичките цели на деколонизацијата, а учествувала и во многубројни видеа и кураторски проекти.
По предавањето во просторот на Музејот на современа уметност ќе следи неделно матине со музичка селекција на Артан Садику, најавуваат организаторите.