Вчера заврши судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово. Откако беа искажани завршните зборови, пресудата за четворицата обвинети ќе биде соопштена на 5 јуни во 12 часот.
Обвинителството бара казна за сите нив, односно за Клиничката болница како правно лице, двајцата директори Флорин Бесими и Артан Етеми, како и лекарот Бобан Вучевски. Но, одбраната, цитирајќи ги сведоците, рече дека во болницата имало противпожарни апарати, па затоа побараа ослободување на обвинетите. На денешното рочиште присуствуваа и адвокатите на повредените членови на семејствата, кои се согласија со обвинението на обвинителот, а побараа и судот да го земе предвид надоместокот на трошоците, но и обесштетувањето за семејствата кои ги загубија своите најблиски во пожарот на 8-ми септември 2021 година.
Според вештачењата на германските стручњаци, тој настанал од продолжен кабел каде што биле приклучени мобилен телефон и дефибрилатор кој бил користен во моментот кога на еден од пациентите му се влошила состојбата. Во тој миг избил оган кој набрзо се проширил и во трагедијата загинаа 14 лица.
Судењето започна на 6 септември 2022 година, а се одржаа 14 рочишта.