- Реакција на Политичката партија Левица
Плодовите од штетниот добрососедски договор потпишан од Владите на СДСМ и ГЕРБ ги потврдија предупредувањата на #Левица и се покажаа погубни, како за продлабочување на политичката криза во Македонија, така и за европскиот пат на земјата! Ова го потврди новиот антимакедонски нагон на бугарските европратеници кои согласно Софиската Платформа на европскиот извештај за Македонија долг десет страници, поднесоа дури 320 амандмани на 161 страница.
Неумешноста на македонската дипломатија покажа извонредни капацитети од секоја битка да излезе како губитник, а Македонија е држава која после секој меѓународен договор, парче по парче губи од својата самобитност во име на европските интеграции, каде сите национални интереси се подредени на удоволувањата за исполнување на странски национал-шовинистички и великодржавни апетити.
Потсетуваме дека налудничавата политика на СДСМ и ДУИ прифати историски ревизионизам, менувања на учебници, споделување на државна архива и државни тајна, отворање на фашистички клубови, уставни измени и премина кон системско уништување на антифашистичкото минато на македонскиот народ и бугаризација на македонското општество, за на крај повторно да зависи од бугарското вето за продолжување на европскиот пат, за кое повеќе од сигурно е дека во иднина ќе продолжи да биде злоупотребувано.
Левица инсистира, интеграциските процеси Македонија да ги продолжи врз основа на утврдените критериуми на Европската Унија, а не врз основа на национал-шовинистичките бугарски барања. ЕУ не смее да дозволи газење на внатредржавната демократија и без да го испочитува мислењето на 80% од Македонците кои се против т.н. Француски предлог и да ја употребува својата моќ за насилно вршење на бугаризација во Македонија.