Џафери ја предводи државно-црковната делегација во Рим и Ватикан за Св. Кирил и Методиј
Од денеска (23 мај) до четврток (25 мај) државно-црковна делегација ќе престојува во Рим и Ватикан по повод одбележување на празникот Св. Кирил и Методиј.
Делегацијата годинава ја предводи претседателот на Собранието, Талат Џафери. Според агендата, тој денеска ќе се сретне со претседателот на Домот на пратениците на италијанската република Лоренцо Фонтана, а во попладневните часови ќе присуствува на концерт на учениците од трета година во МБУЦ, Гоце Златев и Магдалена Дрмач.
Утре, пак, државно – црковната делегација ќе присуствува на аудиенција кај папата Франциск во Ватикан, а потоа Џафери ќе има средба и со државниот секретар на Светата столица кардиналот Пјетро Паролин.
Македонската делегација ќе присуствува и на молебен во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, каде што ќе положи венец на гробот на Св. Кирил, а потоа ќе ја разгледа изложбата на македонскиот уметник Решат Амети во амбасадата на Светата столица.
Дел од набиената агенда утре е и положување цвеќе пред спомен – плочата на македонски јазик во чест на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Посетата на Рим и Ватикан во четврток ќе заврши со средба на Џафери со претставниците од Центарот за изградба на светилиштето на Мајка Тереза.
Во делегацијата предводена од претседателот на парламентот се и тројца пратеници (Соња Мираковска, Дафина Стојаноска и Арбер Адеми), генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, како и директорите на Комисијата за односи со верски заедници и на Институтот за македонски јазик, Даријан Сотировски и Елена Јовановска-Грујовска. Од црковни лица во делегацијата се митрополитот европски г. Пимен, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, како и отецот Митко Газинковски од Македонската православна црква-Охридска архиепископија и отецот Зоран Стојанов од Католичката црква.