Македонија Новости Топ Вести

Судскиот совет треба да избира нов претседател

 Судскиот совет денеска на седница во 11 часот треба да гласа за избор на нов претседател, откако доскорешната претседателка Весна Дамева беше разрешена во средата, во тензична атмосфера и според мислење на експерти, во незаконска постапка. Директен повод за смената беше нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка и наводното криење на писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер. Нејзиното разрешување го иницира заменикот Селим Адеми, предлог кој по неколку часа тензии и расправии, доби поддршка од 7 од 13 члена на Советот.

Првично беше најавено дека наследникот на Дамева ќе биде избран ден по нејзиното разрешување, но заменик-претседателот на Советот Адеми во четвртокот побара одлагање на изборот за неколку дена, поради, како што рече, важноста на прашањето како што е избор на нов претседател, за кое би било добро присуство на сите 13 членови.

Разрешената претседателка Дамева произнесувајќи се за предлогот за одлагање на седницата рече дека се надева оти „во наредните денови ќе има доволно време да се обезбеди потребното мнозинство“.

Таа не одговори на прашањето на опозициските пратеници дали ќе поднесе оставка од морални причини по одлуката на Уставниот суд и нејзините врски со власта, ниту пак дали се истражени наводите

– Мене ми е навистина непријатно што ова се случува. Иако морам да бидам искрена, како што сум била секогаш, дека очекував дека ќе имате мнозинство да се изгласа во овој момент, но ќе оставиме уште два дена да видиме дали вашето незаконско разрешување без спроведена каква било постапка, понатаму на некој начин ќе се легализира, коментираше Дамева.

Коалицијата „Сите за правично судење“ за седницата на Судскиот совет на која беше разрешена Дамева изготви извештај во кој меѓу другото се наведува дека престанок на мандат, во смисла на разрешување, може да постои само како резултат на сторена дисциплинска повреда согласно членот 34 од Законот за Судски совет, за што мора претходно да биде спроведена дисциплинска постапка согласно членот 35, односно да биде поднесено формално образложено барање поткрепено со докази, доставено од кој било член на Советот или најмалку 20 судии.

За разрешувањето на Дамева, но и за општата состојба во судството, реагираа и претседателот Стево Пендаровски, Министерството за правда, пратеници во Собранието, ДКСК, како и правни експерти. Разрешувањето на Дамева за експертите во правосудството претствува непочитување на процедурата и Деловникот.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *