Македонија Новости Топ Вести

Немаше мнозинство за избор на нов претседател на Судскиот совет

Судскиот совет ја одложи седницата на која требаше да се гласа за нов претседател, откако вчера беше разрешена претседателката Весна Дамева во постапка која правосудната фела ја оцени како незаконска. Претседателот Пендаровски оцени – вакви сцени не му доликуваат на тело со многу одговорна улога.

Седницата на Судскиот совет за избор на нов претседател е одложена за 2-ри мај откако за тоа се изјаснија седум членови, а четворица беа против. Предлогот за одложување на седницата беше на заменик претседателот на Судскиот совет Селим Адеми иако на седницата имаше доволно присутни да се гласа, а нов претседател се избира со 8 гласови.

Разрешената претседателка Весна Дамева го обвини дека со тоа го прекршува Деловникот за работа.

„Морам да бидам искрена дека очекував дека ќе имате мнозинство да се изгласа (нов претседател) во овој момент, но ќе оставиме уште два дена да видиме дали вашето незаконско разрешување, без спроведена било каква постапка, на некој начин ќе се легализира“, рече Дамева.

Таа вчера беше разрешена на тензична седница откако потпретседателот Адеми го презеде од неа раководењето на седницата и го стави на гласање нејзиното разрешување за кое се изјаснија 7 членови. Инаку на оваа седница требаше да се расправа за одговорност на апелацискиот судија Енвер Беџети за кого беше констатирано дека девет месеци го чувал предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“.

Веднаш по седницата судската фела и правните експерти реагираа дека разрешувањето било незаконско.

Денеска и претседателот на државата Стево Пендаровски соопшти дека вакви сцени не му доликуваат на тело кое има многу одговорна улога, со оглед на неговите надлежности во изборот и разрешување на судии и оценување на работата на судиите.

„Со вакви постапки, дополнително се намалува кредибилитетот, не само на Судскиот совет, туку и довербата на граѓаните во правосудниот систем“, изјави Пендаровски.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *