Претседателката на Советот на Општина Битола Габриела Илиевска, која е од редовите на граѓанската инцијатива Поинаку со три советника, ја прекина седницата на Советoт, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ДУИ избраа друг претседавач само за оваа седница. По ова беше обезбеден кворум за седницата да продолжи, а советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги изгласаа завршните сметки на јавните претпријатија. Сепак, по усвојувањето на 65 од вкупно 88 точки од дневниот ред, седницата беше пак прекината поради немање кворум, откако замина советничката на ДУИ Мерита Исмајловска. Седницата ќе продолжи в понеделник.
Илиевска на Фејсбук соопшти дека ја прекинала седницата согласно член 65 од деловникот за работа, бидејќи 11 колеги од СДСМ ја напуштиле истовремено. Пред таа да ја напушти седницата, си заминаа советниците од СДСМ несакајќи да учествуваат во расправа и гласање на завршни сметки на јавни претпријатија кои имаат загуби.
„Како претседател на Советот сакав да ја утврдам причината за напуштањето и да направам дополнителни консултации преку одржување на координација со претставници од сите советнички групи, а сè со цел нормално функционирање на Советот и носење на легитимни одлуки за граѓаните на Битола. Но, очигледно договорите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се посилни и побитни од битолчани“, соопшти Илиевска.