ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски и Груби прифатиле обврски кои граѓаните ќе ги оштети 200 милиони евра
„Владата го призна штетниот договор кој го направиле на грбот на народот. Тие признаа дека доколку не се исполни тоа за кое тајно презеле обврска со договорот за градење на коридорите ќе плаќа дебели пенали, или како што самите велат ,,дополнителни трошоци за изведба”. Ова значи дека со народни пари ќе се плаќа тоа кое што го договориле Ковачевски и Груби, а што е надвор од надлежноста на Владата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено од досегашните информации кои излегоа во јавноста Ковачевски и Груби се обврзале да изменат закони, од кои клучен е законот за работни односи и ако тоа не го направат Македонија ќе треба на изведувачот да му исплати еднократен износ од 53 милиони евра, месечни износи од 2,1 милион евра во текот на изградбата и дополнително пролонгирање на рокот за изградбата. Штетата која ја направиле е над 200 милиони евра. Рокот за промена на законот кој што Груби и Ковачевски го прифатиле во име на Собранието, е 45 дена, а дури и да ги направат овие промени ден после овој рок кој истекува на 23 април, повторно мораат да ја исплатат оваа неверојатна сума од 53 милиони евра. Ете до толку оваа неодговорна и криминална власт се однесува со интересите и парите на граѓаните. Потпишале договор за после да менуваат закони, што само по себе е апсурд и прекршување на норми.
Да биде безобразието на Груби и Ковачевски поголемо, тие го кријат овој договор од јавноста, затоа што ако го објават веднаш ќе бидат воочени овие факти. Дуото Груби-Ковачевски е крими тандем кој не само што треба за оваа штета да поднесе оставка, туку треба и да одговара“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.