Директорот на битолската болница поднесе оставка по смртта на новороденчето на гинеколошкото одделение. Бебето починало неколку часа по раѓањето. Според лекарите, бебето било родено во тешка здравствена состојба, со срцеви проблеми а напорите на лекарите за реанимација биле неуспешни. Телото на новороденчето е испратено на обдукција за да се дознаат причините за смртта. Државниот санитарен здравствен инспекторат од изутрината врши вонреден увид во битолската болница.
„Државниот санитарен здравствен инспекторат врши вонреден инспекциски надзор во болницата во Битола. Комисијата е на терен и го надгледува текот на лекувањето на починатото бебе. Истовремено беше формирана и стручна комисија за надзор составена од двајца лекари специјалисти гинеколози, неонатолог, анестезиолог и претставник од Министерството за здравство“, наведоа од Министерството за здравство.
Ова е втор инцидент со смртен случај во болницата во Битола за неколку недели. Пред една недела, 6-годишната Јана почина на педијатриското одделение во оваа болница, откако примила инфузија, а родителите на малото девојче се сомневаат дека се работи за лекарска грешка. И за овој случај се вршат увиди, додека извештајот од обдукцијата се уште не е готов. Министерот за здравство изјави дека доколку се утврдат пропусти при лекувањето на Јана, ќе има одговорност. За случајот со 6-годишното девојче, најавени се протести за утре.