Замрзнувањето на цените не е пазарна мерка, а ако Владата сака да интервенира за да го заштити населението, треба да ги активира стоковите резерви кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам, изјави денеска извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев.
Според него, економиите во светот имаат поинаков пристап и проблемот не го решаваат со замрзнување на цените. Подобро е, рече, да се субвенционира делот од населението на кое тоа навистина му е потребно, но и да се помогне со директно намалување на царините, со помош при увозот на репроматеријали, со субвенционирање на електрична енергија, со механизми кои го прават домашното производство поконкурентно.
Тој рече дека замрзнување на цените е мерка која не може да трае долго, а по нејзиното завршување повторно ќе има поскапувања.
Вчера и Сојузот на стопански комори оцени дека замрзнувањето на цените е непазарна мерка.
Владата претходно ја ограничи цената на лебот, а потоа и на други основни прехранбени производи. Сега се дискутира за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот. Цените на храната на светските берзи се намалуваат цела година, но во Македонија се за 25 отсто повисоки од лани.