Прва голема изложба на дела од колекцијата на Музејот на современата уметност во „Кунстхале Виена“
Во престижниот простор „Кунстхале Виена/Kunsthalle Wien Museumsquartier“ (кој е дел од „Музеум Квартиер“), еден од најголемите европски културни центри, на 20 април ќе биде отворена изложбата „No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“.
За првпат, во Виена ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност – Скопје. Од вкупната уметничка колекција на МСУ, која опфаќа над 5 500 дела, во Виена ќе бидат изложени 94 дела и околу 50 дела од современите уметници вклучени во овој проект.
Од колекцијата на МСУ, за Виена патуваат дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Кристо и Жана-Клод, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шеила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Гетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени и многу други.
Ова големо претставување е резултат на соработката меѓу двете уметнички институции: МСУ – Скопје и „Кунстхале Виена“. Куратори на изложбата се уметничките директори на „Кунстхале Виена“, кураторскиот колектив „What, How & for Who/WHW“ (Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ).
Изложбата во „Кунстхале Виена“ ќе биде отворена до 28 јануари 2024 година.