Деновиве од печат излезе драмскиот текст „Баница 1903 – Стратегот на македонскиот универзум“ на авторот Зоран Пејковски, кој всушност е драмски ораториум, и е прв во македонската драматургија, во кој преку историско – документаристички приказ е прикажан ликот на Гоце Делчев, еден од најголемите синови на Македонија и на македонската револуционерна борба. Пишуван е по повод 120-годишнината од смртта на Делчев (1903-2023), и со него сакам да го вратам македонското достоинство, кое е газено од една рака на профитери, кои на очиглед на целиот македонски народ продаваат сѐ што е македонско, заборавајќи дека душата на Македонецот не е на продажба. Само душата останува чиста и чесна.
Тие, со секојдневното вршење на социопатолошкото насилство врз Македонците, докажаа дека немаат чувство за припадност, за корен. Овие асоцијални типови, по секоја цена сакаат да го погребаат Македонецот и неговото достоинство, заборавајќи дека Македонија е впиена во крвта на секој чесен Македонец.
Кога ќе прочитате за деветте кодоши, кои кодошејќи директно учествуваа во смртта на Гоце Делчев, веднаш ќе ви стане јасно дека историјата ни се повторува, дека овие изроди кои сега го распродаваат Македонецот и македонското достоинство се истите тие кодоши и предавници кои за пари распродаваат сѐ.
Впрочем и најзначајната сентенца за смртта на Македонија уште во 1903-та година ја кажува Димо Хаџи Димов со смртта на Гоце Делчев. Тој ќе рече: „Петнаесет часа ние го гледавме мртвиот Гоце како да беше наведнат врз гробот на Македонија. Петнаесет часа ни се кинеа срцата, зашто осиромашуваше цел еден народ…“
Ние треба да бидеме поучени од Гоце Делчев, оти и тој убаво кажал дека само пушка на вистинското македонско рамо може да ја одбрани Македонија.
Па така, поучени од Гоце Делчев, кој ја водеше организацијата кон вечниот идеал на Македонците – Слобода или смрт, но и од неговиот учител Григор Прличев (кој оваа година бележи 130 години од неговата смрт), кој го учеше Делчева, но и сите нас за идеалот на совршенството или смртта, јасно ни дава до знаење дека проклетството фрлено врз Македонија и Македонците е од изродите, („Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови-изроди како македонскиот“, Гоце Делчев) без разлика од кој историски период тие потекнуваат. И затоа поучени од Прличев, но и од Делчев, јас ќе речам: Арам да им е млекото на сите предавници на Македонија!!!
Рецензенти се: историчарката, проф.д-р Виолета Ачкоска, лингвистот и експерт за културно наследство, м-р Александар Јорданоски и драматургот, м-р Трајче Кацаров… Имено, секој од својот научно-книжевен и драмски аспект пишува за драмскиот ораториум. Корицата е на македонскиот уметник Сергеј Андреевски…. Издавач е една од најзначајните македонски издавачки куќи ПНВ-Публикации од Скопје
Фејсбук статус на авторот Пејкоски