НАТО обезбедува безбедност и стабилност, а ЕУ може да обезбеди просперитет. Иднината на земјата е во Унијата. Процесот е тежок и фрустрирачки, понекогаш може да биде и разочарувачки, сте го поминале сето тоа, но јасно е дека тоа е најдобриот исход, порача поранешниот американски амбасадор во Скопје Филип Рикер во интервју за Сител.
– Вие ќе останете суверена држава, но правите прилагодувања за да се движите напред и да бидете дел од нешто што е поголемо и дава гаранции за подобра иднина на земјата и на генерациите кои доаѓаат. Се работи за млада европска земја, која има долга историја и дури од времето на Бизмарк кога се зборувало за важноста на македонското прашање, да се донесе стабилност на Балканот. Го имаме одговорот на тоа прашање – демократска, мултитеничка интегрирана земја во НАТО и ЕУ, истакна Рикер, кој е и поранешен помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија.
Смета дека интеграцијата во ЕУ може да биде решение и за проблемите со корупцијата и владеење на правото.
– Не значи дека ќе ги елиминирате сите проблеми, но минувајќи низ преговарачкиот процес постигнувате ниво на споделени вредности, кои се рефлектираат на процесите. Владеењето на правото е клучно за тоа, никогаш не е совршено, но тоа мора да биде најважно. Независно судство, може да обезбеди легални пресуди и тоа го сакаат граѓаните. Мислам дека тоа ќе биде дел од патот напред и мислам дека иднината на земјата е во ЕУ, рече Рикер.






