Арсовска за новиот ГУП – тоа е Устав за урбанистичкото планирање на градот и треба да овозможи Скопје да се развива хумано
Генералниот урбанистички план е Устав за градот од аспект на градење и урбанистичко планирање и новиот ГУП за Скопје треба да превенира немили настани да се случуваат во иднина, порача градоначалничката Данела Арсовска на одбележувањето 60 години од катастрофалниот земјотрес. Според неа, изминатите две децении не се почитувале во целост урбанистичките планови од аспект на тоа како треба да се гради и развива Скопје.
„Она што треба да го направиме во следниот период е поучени од претходните грешки, односно од грешките на минатото, да ги вклучиме сите релевантни експерти, сите засегнати страни, сите оние што можат да придонесат, новиот Генерален урбанистички план да овозможи во иднина градот Скопје да се развива не само рамномерно, туку исто така и хумано. Тоа е она на кое што треба да бидеме активно посветени. Сепак, се работи за практично Уставот на урбанистичкото планирање на градот Скопје и тој треба да биде, оној показател, онаа водилка, која што ќе превенира понатаму во иднина да се случат можеби вакви немили настани,“рече Арсовска.






