Македонија Новости Став Топ Вести

ПОСЛЕДНО ДО ВЛАДАТА (куса хронологија на отровот)

Фејзбук статус на Крум Велков

Крум Велков е човекот што пред седум години го иницираше отпорот против рудникот. Координатор е на целата иницијатива СПАС ЗА СТРУМИЧКАТА КОТЛИНА

Пред денешната седница на владата, на која се решава нашата судбина, неколку куси извадоци од безбројните текстови за и околу рудникот на смртта, кои сум ги напишал изминативе 7 години. Без никакви калкулации. Се чувствувам како да сум веќе отруен од тој рудник. Но, совеста ми е 100% детоксифицирана. Вашата, како е?

“Инвеститорот НЕ ГАРАНТИРА 100% заштита од одложеното отровно дејство” (од документите на Еуромакс).

“Всушност, ние ќе бидеме испоразболени уште со првичните ископувања и без цијанид, а потоа ќе нѐ докрајчуваат хемиите и гасовите, при што разликата дали ќе умреме од цијанид или да речеме од фенси коктел од арсен, кадмиум и сулфурна киселина…“

“Размислете малку: каков е тој развој со 400 вработени во рудникот? Што е со останатите 70-тина живи села во струмичко? (…) Мислите ли дека иднината на една од најплодородните земјоделски котлини во светот е во рударството? Ќе купите ли „чушка“ или “френка“ од струмички земјоделец? (…) Вие таков развој ли поддржувате: вие да се развивате, а ние да развиваме канцери…“

“Зошто толку лажат тие луѓе? Затоа што Еуромакс Рисорсис не се вистинска рударска компанија, тие немаат ниеден рудник зад нив, туку се „пробивачи на концесии“, обучени да ја манипулираат јавноста, да го пасивизираат населението, да корумпираат политичари и бизнисмени, со цел по било која цена да дојдат до концесија, која потоа ја „шиткаат”. (Како што и се случи).

“Рудникот ќе го загрози водоснабдувањето на струмичко од браната Турија. Дневните потреби на рудникот изнесуваат 1.700.000 м3 вода, или годишно 630.720.000 м3. Вкупната водозапремнина на Турија изнесува 50.000.000 м3. Браната на хидројаловиштето на рудникот ќе има четири пати поголема запремнина (210 000 000 м3 отров). Турија е изградена да се користи како вода за пиење и наводнување и не е предвидена за потреби на каков било рудник, бидејќи тоа стратегиски би ги загрозило граѓаните. Рудникот нема обезбедено вода за работа и нема начин да обезбеди!”(Факт, кој упатува на тезата за “шиткање” на концесијата и за казнени провизии од буџетот).

“Според истражувањата на проф. Трајче Стафилов од Природно-математичкиот факултет, пошироката околина на рудниците Саса и Злетово долги години наназад е најзагадената почва во Европа. Проценките се дека загадувањето е минимум 15 пати повисоко од максимум дозволените (европски) граници на загадување. Тоа е жив отров.”

„Прво и најосновно: Работата на рудникот меѓу останатото ќе предизвика рапидно зголемување на заболени од најразлични видови рак, млади луѓе ќе умираат во најтешки маки, ќе се раѓаат новороденчиња со деформитети и мутации за какви што не сте сонувале ни во кошмари. И вие ќе бидете (ин)директно одговорни за тоа.”

“Покрај еколошка и економска, рудникот ќе предизвика и културолошка/национална деградација, како резултат на огромен и последен бран иселување, кој ќе уследи штом рудникот ќе проработи. Последици: несогледиви и непоправливи.”

“Па, да го видиме тој македонски маж што ќе ни ја потпише смртната пресуда.”

ПОСЛЕДНО: Не прифаќаме никакво половично решение, ниту нов референдум, локален или било каков, од причина што тој референдум би бил само консултативен. Прифаќаме само одлука за трајно сопирање на Рудникот на смртта. Се друго е манипулација и обид за изигрување на волјата на народот.

Не го искушувајте.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *