Македонија Новости Став Топ Вести

Муцунски во ЕП: Македонскиот јазик, идентитет и достоинството не се предмет на преговарање


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево
учествуваше и се обрати на 24-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет  на Македонија  и Европска унија, што се одржува  два дена во Стразбур. Во своето обраќање пред членовите на Комитетот, Муцунски истакна дека Стразбур, како дом на европската демократија, претставува силен потсетник на европските вредности кон кои нашата
држава е посветена веќе две децении. Тој потсети дека оваа година се навршуваат 20 години од добивањето на кандидатскиот статус, период во кој земјата спроведе значајни реформи и
покажала конзистентна определба за европската интеграција.

Министерот нагласи дека македонските граѓани остануваат силно проевропски ориентирани, но дека е неопходно процесот на проширување да биде предвидлив и меритократски за да се спречи појавата на европесимизам. Во таа насока, тој укажа дека државата е 100% усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, активно поддржувајќи ја Украина и придонесувајќи кон зајакнување на европската безбедност како директен партнер и НАТО-сојузник.

Муцунски се осврна и на реформските процеси поврзани со Планот за раст и Реформската
агенда 2024–2027, истакнувајќи дека реформите се насочени кон економски развој, задржување на младите и привлекување инвестиции. Тој подвлече дека државата веќе докажува дека може да придонесува кон стабилноста на регионот и Унијата, меѓу другото и преку првото партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ во рамките на Западен Балкан.

Во делот на билатералните прашања, министерот посочи дека продолжената блокада од страна на Бугарија не и штети само на нашата држава, туку ја намалува довербата во процесот на проширување и ги ослабува стратешките интереси на регионот. Тој нагласи дека успехот на
европската интеграција лежи во конкретни проекти, економска и енергетска поврзаност, а не во отворање теми поврзани со идентитетот, јазикот и националниот наратив. Повтори дека
македонскиот јазик, идентитет и достоинството на граѓаните не се, и не може да бидат предмет на преговарање.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *