Владата нуди формула за пресметување на покачувањето на платите во администрацијата
Премиерот вели дека владата сака унифициран образец по кој ќе се исплаќаат платите за администрацијата
Владата има своја формула за пресметување на платите на вработените во администрацијата. Според премиерот Христијан Мицкоски, најголем дел од претставниците на синдикатите, и репрезентативните и од гранковите, се согласни со таа позиција на Владата, со неколку исклучоци. Формулата што ја нуди Владата во врска со тоа како ќе следи покачувањето на платите на административците етапно ќе значи повисоки примања за нив, а не само за онолку средства колку што ќе расте минималната плата.
Мицкоски денеска одговараше на прашања на новинарите во врска со актуелните разговори за покачувањата на минималната плата и зголемувањето на платите за вработените во јавната администрација со синдикалните претставници.
Премиерот истакна дека на синдикатите им била понудена формула по која би се пресметувале личните доходи за вработените во администрацијата, притоа нагласувајќи дека Владата инсистира доколку биде договорена, тоа да биде конечна формула по која ќе се исплаќа платата на вработените во администрацијата.
Мицкоски истакна дека во разговорите дел од раководството на ССМ се повикува на општиот колективен договор што синдикатот го има потпишано со претходната влада, што иако е истечен, во преодните и завршните одредби стои дека тој е во функција сѐ додека не биде потпишан нов колективен договор.
Тој појасни дека поради оставениот простор за различно толкување на начинот на утврдување на висината на платите во јавната администрација, може да резултира со проблеми во пресметувањето така што Владата заради тоа предлага унифициран образец според кој би се утврдувала висината на личните доходи.
„Доколку ја примениме оваа формула, тогаш при исплатата на лични доходи ќе се создаде какофонија бидејќи постојат неколку документи што ја дефинираат платата, кои можат да се толкуваат различно. Ние сакаме унифициран образец по кој ќе се исплаќаат платите за администрацијата. Еден од трите члена каде се дефинираат платите во општиот колективен договор да го суспендираме и во периодот додека важи овој договор што ќе го постигнеме да испреговараме нов општ колективен договор. Тоа е некаде три години. Јас ценам дека за три години ако се седне ќе се направи многу повеќе отколку нова верзија на општ колективен договор. Доволно сме зрели и одговорни и мислам дека е тоа сосема доволно време“, рече Мицкоски.





