Амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2026 година продолжува утре напладне
Собраниската Комисија за финансирање и буџет напладне ќе ја продолжи амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2026 година, најави потпретседателката на Комисијата Јованка Тренчевска затворајќи го вториот ден од дебатата по амандманите.
Во тек на денешната расправа беа разгледани и отфрлени 10-ина амандмани, со кои пратениците бараа дополнителни средства за Министерството за односи меѓу заедниците, за Министерството за европски прашања, за Агенцијата за остварување на правата на заедниците, за Агенцијата за иновации, за повисоки плати во полицијата, …
За Предлог-буџетот за 2026 година се поднесени околу 200 амандмани.
Со Предлог-буџетот за 2026, економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.
Вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, вкупните расходи на износ од 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции 40,5 милијарди денари (650 милиони евра).






