Сиљановска бара помош од авторот на францускиот предлог, претседателот Макрон
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за „360 степени“ на МРТ изјави дека за да се најде излез од македонскиот ќор-сокак во европските интеграции побарала помош од архитектот на францускиот предлог, претседателот Емануел Макрон. Тој и други европски лидери можат да помогнат да се најде некакво „соломонско решение.“
Таа рече дека Урсула фон дер Лајен не спомнала ништо на средбата со неа околу „топката“. Лајен, по средбата со Мицкоски и со Сиљановска на Икс напиша: „Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор“.
„На средбата кај мене не стана збор ниту за топка, ниту за двор, ниту за игралиште“, рече Сиљановска за средбата со претседателката на Европската комисија.
„Не, не, ни кај него (кај Христијан Мицкоски – н.з.) не зборувале за игралишта и топки. На Твитер тоа излезе. Видете, топката е реквизит. Освен во уметничката гимнастика, сами со топка, сам со топка никој не игра. Значи, топката е инструмент за игра. За игра се потребни двајца. Играта секогаш се одвива по точно утврдени правила. Правилата не се менуваат во текот на играта, што ни се случи нам. Е сега, што ако е топката од офсајд или што ако топката со фаул е фрлена во игралиштето? Или, што ако голов е празен, нашиот беше празен, па го полнеа, го полнеа, мрежата се искина. Значи кога вие велите сменете го Уставот, професорот во мене вели вака – ‘кога вака ми велите мене, морате да го смените Уставот’, вие ми велите – ‘заборавете на парламентарната демократија, оти таа има неизвесен резултат’… Е сега, тоа е нешто што ме тера на следново. Да подразмислиме, како можело во Преговарачка рамка и во заклучоци да влезат одредби од записник…“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа деновиве беше во Париз, каде што учествуваше на Парискиот мировен форум. Таа рече дека за македонскиот проблем побарала помош од францускиот претседател Емануал Макрон.
„Нормално, јас барам помош од претседателот Макрон, бидејќи придавкава е француски (предлог). Е па, сега, најдете решение. Јас мислам дека, не знам, дека мора да се најде излезно решение. Најчесто ќе чуете – па вие сами го усвоивте ова решение, и Владата и Собранието и претседателот застанаа зад него, тоа стана дел од Преговарачката рамка и од заклучоците, и сега зошто не го извршувате? Не е баш така. Ние не гласавме за Преговарачка рамка или за заклучоци. Пред нас дојде само информација за заклучоците. И толку беше. Очекувам да се најде некое соломонско решение“, рече претседателката.






