Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање кој е дел од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска на прес-конференција оцени дека одлуката на американскиот Стејт департмент за ставање на Артан Груби на црната листа е потврда за она што го зборуваше тогаш опозициската групација, и го повика членството на ДУИ да го напушти бродот кој тонел.
„Во текот на вчерашниот ден бевме сведоци на уште една потврда за исправноста на нашите заложби, одлуки и политички постапки. Се докажа дека нашите укажувања и барања за борба против корупцијата биле исправни и точни. Одлуката на американскиот Стејт департмент за ставање на Артан Груби на т.н. црна листа забранувајќи му влез во САД е доказ дека сѐ што сме зборувале било на место и сме биле во право. Бевме во право кога се боревме против корупцијата. Бевме во право кога баравме ДУИ да се справи со катастрофите во своите редови. Бевме во право кога ги откривме сценаријата на ДУИ за спас на Сашо Мијалков и враќање на Никола Груевски од Будимпешта во Скопје. Ја поздравуваме одлуката на Стејт департментот да помогне во борбата против корупцијата“, изјави Меџити, кој е и претседател на Демократското движење, кое призлезе од незадоволните членови на ДУИ.
Тој посочи дека да имала сила ДУИ да се справи со корупцијата во своите редови, Артан Груби никогаш немало да стане вицепремиер во Владата.
„Да имаше сила ДУИ да се справи со корупцијата во своите редови Али Ахмети ќе послушаше кога баравме од него да го тргне и избрка Артан Груби. Да имаше сила Али Ахмети да му застане на падот на Артан Груби, да му го пресечеше патот на корупцијата, да го запираше Артан на патот на соработката со Сашо Мијалков и Никола Груевски ДУИ можеби и немаше да отиде во опозиција. Врските на Артан Груби, но изгледа и врските на Али Ахмети со Сашо Мијалков вчера беа потврдени од нашиот стратешки партнер од американскиот Стејт департмент. Се уверивме јавно дека Артан Груби бил платен од Сашо Мијалков. Отворено се боревме против Никола Груевски и Сашо Мијалков, но не сите очигледно. Некои соработувале, некои директно како Артан Груби“, вели Меџити.






