Црната листа на САД се доближува до Ахмети, од вчера на неа се Артан Груби и Енвер Беџети
Покрај Груби, на списокот е и судијата Енвер Беџети, кој девет месеци го држеше во фиока случајот на Сашо Мијалков во „Таргет-Тврдина“. Непријатен удар за Али Ахмети
Црната листа на САД се доближи до најтесниот круг на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, стигнувајќи до неговиот клучен соработник последниве години, Артан Груби. Тоа е силен удар не само за Ахмети, туку и за целата партија ДУИ, која деновиве одржува „стража“ пред уставниот суд околу Законот за јазиците и настојува повторно да биде многу важен фактор во политичките процеси во Македонија.
Американскиот Стејт департмент синоќа го вклучи на црната листа поранешниот вицепремиер Артан Груби, заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети, означувајќи ги како лица кои биле вклучени во значителна корупција. Тие двајца се меѓу 14 лица кои се наоѓаат на списокот на Стејт департментот назаначини како вклучени во висока корупција.
„Поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети јавно се означуваат за нивната вклученост во значителна корупција со прифаќање мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК“, соопшти Стејт Департментот.
Мијалков беше ставен на црната листа на Стејт департментот за значителна корупција во 2022 година.
Од Стејт департментот додаваат дека означени се и членовите на најблиското семејство на Груби.






