Она што се очекуваше и се случи. Владата на премиерот Мишел Барние вечерва беше соборена во француското собрание при гласањето за недоверба. Франција влегува нова фаза на голема политичка нестабилност по изборите во јули, а претседателот Емануел Макрон нема добри алатки да ја изнесе земјата од кризата.
Малцинската влада на Барние го загуби гласањето за недоверба во парламентот, што ја прави првата администрација што е соборена на таков начин од 1962 година и најкратковечната влада на Петтата република.
Вкупно 331 пратеник гласаа за предлогот претставен од левичарската алијанса Нов народен фронт, а беа потребни 288 гласа за да се урне владата. За недоверба на владата гласаа и крајните десничари на Марин Ле Пен од Националниот собир.
Барние, конзервативец ветеран кој ја извршуваше функцијата премиер едвај три месеци, сега е обврзан да му ја поднесе оставката и оставката на неговата влада на претседателот Емануел Макрон.
Во обраќањето до пратениците на крајот од неколкучасовната дебата Барние рече: „Дојдовме до момент на вистина и момент на одговорност. Признавам дека нацрт-буџетскиот текст не беше совршен – дека не направивме сѐ што треба од самиот почеток“.
Тој рече дека финансиската реалност на Франција е таква што ќе мора да се соочи со која било влада, без разлика на бојата. Франција сега плаќа 60 милијарди евра годишно како камата на својот долг, „повеќе од нашиот буџет за одбрана и нашиот буџет за високо образование“.
Тој нагласи дека буџетот бил направен заедно, земајќи ги предвид предлозите од многу партиски групи во собранието. Тој не предложи мерки за затегнување на ремените „за мое задоволство: повеќе би сакал да делам пари“.
Мишел Барние беше премиер едвај три месеци