ЕУ: Креативното решение за Македонија е лимитирано со заклучоците на Советот
БРИСЕЛ – Три дена пред стартот на новата политичка гарнитура во Европската унија никој не знае како ќе изгледа креативното решение со кое Македонија ќе може да ги продолжи преговорите за членство, но пораката е дека нема шанси земјата да биде оставена назад.
Идната недела ќе се држи средба на новиот претседател на ЕУ, Антонио Коста, со лидерите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, а на средината на декември ќе се одржи самит на ЕУ со Западен Балкан. ЕУ сака да стартува со голема брзина, а проширувањето според тврдењата овде во Брисел не е веќе според реченицата дека „Брисел глуми дека се проширува, а кандидатите дека прават реформи“.
Императив и јасна политичка линија, според тврдењата овде, е ЕУ да се комплетира и да биде обединета, со конкретна најава дека сега ќе почнат да се затвораат а не само да се отвораат поглавја со Црна Гора, или во превод оваа земја да биде првата што по долга пауза ќе стане членка на Унијата.
За Македонија пораките се многу нејасни. Генерално, оценката е дека нема пат одоколу и дека заклучоците на Советот на ЕУ треба да се исполнат поради што се прават напори – да се смени нешто без да се смени формално ништо. Во Брисел сите се свесни дека има „многу специјално прашање“ како услов за Македонија, но дека земјите членки имаат право на вето и затоа не можат да се даваат гаранции за процесот.
„Има малку трпение во моментов кога една земја членка користи билатерални карти против друга. Такво нешто не пречеше многу во минатото, но сега е во центарот на вниманието на сите. Нема гаранции за преговорите и секој од кандидатите за членство во некој момент се соочувал со некаков чекор од соседите, земји членки. Но, има барања и барања и на некои може да се одговори, а на некои не. Ако се одблокира процесот, тоа ќе биде огромен чекор за земјата и за јавната администрација бидејќи влегувате во друга фаза“, порача извор на ЕУ.






