Македонија Новости Став Топ Вести

Главчев: Прашањето за уставните измени е завршена работа

Прашањето со Македонија „е решено“, во контекст на тоа дека уставните измени со одложено дејство би биле неприфатлив предлог за бугарската страна, вели бугарскиот технички премиер Димитар Главчев.

Во телевизиско гостување, запрашан за предлогот на македонската влада и на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Бугарите да бидат вклучени во Уставот по влезот на земјата во Европската Унија, Главчев рече дека за него тоа „прашање е решено“.

-Јас нема како да им одговарам на властите во Македонија, за Бугарија прашањето е решено. Има рамки во кои треба да се движат сите држави-членки на ЕУ, вклучително и оние од Западен Балкан, така што нема тема за разговор – мислам дека Бугарија направи доволно компромиси со своето национално чувство и достоинство за да прави уште, рече Главчев.

Во меѓувреме, речиси еден месец по изборите во Бугарија се уште траат преговорите за формирање на влада. Доколку повторно нема коалициски договор, Бугарија ќе оди на избори по осми пат во четири години. Премиерот Христијан Мицкоски неколкупати изјави дека се надева оти во соседната државата ќе се формира стабилна влада, со која ќе може да седнат и да најдат решение за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *