Македонија Новости Став Топ Вести

Владата и банкарите ги договорија роковите за враќање на унгарскиот кредит

Премиерот Христијан Мицкоски и банкарите денес не најдоа заеднички прифатливо решение за каматната стапка по која што банките ќе ги одобруваат кредитите кон компаниите од унгарскиот заем кој неодамна го зема Владата. По средбата која што се одржа денес во Министерството за финансии и на која покрај премиерот Мицкоски беа и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и членките на Македонската банкарска асоцијација, во изјава за медиумите беше соопштено дека е усогласено решение за рокот на отплата на кредитите, додека за каматата преговорите ќе продолжат.

„Би го поделил состанокот во три дела. Првиот дел е оној кој што се однесуваше во делот на рочноста, времетраењето и слично, вториот дел е желбата да се учествува во проектот и третиот дел е поврзан со каматната стапка“, рече Мицкоски.

Како што посочи, во делот на желбата дека сакаат да учествуваат како Македонска банкарска асоцијација, кај членките и членовите е несомнен, односно сите изразиле  желба и сите изразиле подготвеност да бидат дел од овој процес.

Во делот на рочноста, заземен е заеднички став дека во зависност од барањата на клиентите ќе се користи формулацијата до три години грејс период, и до 15 години рок на отплата.

„Членките на МБА кажаа дека има клиенти кои што сакаат можеби пократок рок и тн. Затоа велиме до три години грејс период и до 15 години рок на отплата. Тоа мислам дека го усогласивме и го прифативме“, рече премиерот Мицкоски.

Клучното прашање покрај рокот на отплата, кое се провлекува изминатите денови и кое што предизвика кај Мицкоски деновиве да изјави дека е разочаран од банките, е каматната стапка, по која банките на компаниите ќе им ги одобруваат кредитите. Тоа прашање, денеска не се разреши.

„Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следната недела или во втората половина би имале некаков став за тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова и конечно би почнале да го аплицираме и да се пренесе на стопанството“, рече Мицкоски.

Одговарајќи на прашања на новинарите Мицкоски рече дека во моментов „се доближуваат ставовите“ одбивајќи да зборува за проценти. „Би зборувал за изразена воља од двете страни да бидат ставовите доближени и да бидат усогласени“, рече тој.

Суштината, како што појасни, за да не биде погрешно разбрано во јавноста, е дека 3,25 проценти Владата секако ќе ги плати кон унгарската Експорт импорт банка.

„Целта е каматата која што ќе ја понудат банките (кон компаниите, заб.) да биде што е множно пониска, односно за да може стопанството да добие пониска камата“, рече Мицкоски. 

Тој додаде дека банките реално имаат трошоци, но треба да се види што може од тие трошоци да се намали.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *