Мицкоски: Немаше администратори, туку окупатори – Скопје не е само град, тоа е душата на Македонија
Во предвечерието на 13 ноември, ќе кажам дека тоа е печат на нашата историја, сведоштво на храброста и на решителноста на нашиот народ да се бори за слобода и достоинство. На овој ден, Скопје извојува своја победа и таа победа е наша колективна гордост, наша заедничка инспирација. Овој ден сведочи и за солидарноста која овој град ја носи, но и поривот, длабоката желба и стремежот за слобода. Слободата која денес ја живееме неодминливо беше платена со жртви и човечки страдања, и ние таа ја извојувавме со сопствени сили и наспроти тенденцијата за прекројување на историските читанки и читањето на историјата во зависност од поединечните интереси, вистината е само една, единствена и неделива.
Ова вечерва го истакна премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на настан по повод 80 години од ослободувањето на Скопје.
Неговиот говор го пренесуваме интегрално во продожение:
Немаше администратори, туку окупатори, и таа историска борба не беше против одредени народи, ниту против одредени држави туку против фашистички режим кој беше поразен од Европа и слободарските народи, меѓу кој беше и македонскиот.
И затоа Скопје не е само град; тоа е душата на Македонија, срцето на нашата историја и симбол на нашата издржливост.
Оваа метропола повеќе пати израснуваше од урнатини, ги минуваше своите нај темни ноќи и се издигна посилна од кога било.
И денес, со секој чекор што го правиме, го носиме тој дух на нашите предци, кој нè потсетува дека слободата никогаш не доаѓа лесно и дека за неа треба да се бориме. Нема откажување, нема невозможни работи силата е во вербата во идејата, и степенот на жртва кој може да се поднесе за нивно остварување.
Сигурно ниту на Методија Андонов Ченто, ниту пак Димитар Влахов или Михајло Апостолски не им било ниту малку лесно да се соочат со најголемата фашистичка сила дотогаш, но тие веруваа во отпорот, веруваа во идеалите и потоа чекореа гордо низ Слободното Скопје.
Таа победа беше на нашиот народ и ние сега и сите генерации потоа ,после нас имаат право да се повикуваат на придобивките од таа победа.
Денес, кога ја чествуваме слободата на Скопје, ја чествуваме и нашата одговорност кон иднината.
Овој празник е завет – завет дека ќе ја чуваме и унапредуваме оваа слобода, дека ќе се грижиме за нашиот град и за нашата татковина.






