Македонија Новости Став Топ Вести

Со одлуката на надлежната комисија во Собранието коефициентите нема да се намалуваат


Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска на седница одлучија да останат исти коефициентите за утврдување на плата на претседателот на државата, на пратениците и на функционерите кои ги избира и именува Собранието на  Македонија. Тоа значи дека нивните плати за кои имаше големо незадоволство по одлуката на Уставниот суд ќе останат исти или ќе се зголемат во јануари поради усогласувањето со просечната плата.

Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Ѓорѓија Сајкоски образложувајќи ја предлог-одлуката нагласи дека согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на државна Комисија за одлучување во управна постапки и постапка од работен однос во втор степен, потребно е да се направат соодветни терминолошки усогласувања во оваа одлука.

Годинава во март претходната влада ги намали коефициентите на функционерите кои ги избира Владата за 12,8 отсто, но платите на претседателот, премиерот, министрите и пратениците, како и оние функционери што ги избира Собранието од судството и други области ќе останат исти.

Неодамна од Владата на прашањето на „Слободен печат“ како се стопи ставот на актуелната власт која додека беше во опозиција инсистираше функционерските плати веднаш да се намалат на нивото на кое беа пред одлуката на Уставниот суд, одговорија дека ставот за платите никогаш не променил, ниту пак некогаш бил дека одлуката на Уставниот суд треба да се промени.

Владата велеше дека ќе донесе одлука со која ќе ги замрзне функционерските плати на сегашното ниво и ќе го спречи зголемувањето што им следува од јануари 2025 година и тоа од 130 евра за најниските до 330 евра за највисоките функционери. Тоа го најави премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека таа одлука ќе биде донесена на негово лично барање. Таквата одлука требаше да биде спроведена со намалување на коефициентите на сложеност со кои се множи основицата – просечната годишна плата.

Потоа од Владата рекоа нема наскоро да изготвува нов закон за систем на платите во јавниот сектор, а за да се заузда растот на платите во функционерите што следува од јануари, една од мерките што ќе се разгледуваат е повторно намалување на коефициентите со кои се множи основицата при пресметката, изјавија тогаш од Министерството за јавна администрација.

Сега со одлуката на надлежната комисија во Собранието коефициентите нема да се намалуваат.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *