Вархеи: Целта е во октомври одржување меѓувладини конференции со Белград, Тирана и можеби Скопје
Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеи денеска изјави дека целта е во октомври да се одржат меѓувладини конференции со Србија,Албанија и можеби Северна Македонија.
– Со Србија, Албанија, а можеби и Македонија, нашата цел е во следниот месец да одржиме меѓувладини конференции, изјави Вархеи.
На конференцијата за Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) и Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБП) во Будимпешта, Вархеи додаде дека ЕУ треба да ги продолжи преговорите со Србија и да го отвори Кластерот 3, кој се однесува на конкурентност и инклузивен раст. Воедно тој ги повика Белград и Приштина да напредуваат во дијалогот кој се води под посредство на ЕУ.
– Белград и Приштина мора да го продолжат дијалогот за да напредуваат на патот кон ЕУ. Потребен е конструктивен пристап, а еднострани потези кои создаваат тензии мора да се избегнуваат, рече Вархеи .
Во врска со резултатите од Европската комисија за политиката на проширување, Вархеи го посочи неодамна усвоениот План за раст за Западен Балкан, кој поставува основи за спроведување на побрза постепена интеграција, така што партнерите се подобро подготвени за процесот на пристапување
– Оваа понуда без преседан од дополнителни шест милијарди евра финансиска поддршка за Западен Балкан има за цел да го поттикне социо-економскиот развој и приближувањето на регионот на ЕУ и треба да ги обезбеди придобивките од членството уште пред пристапувањето. Во исто време промовира економска интеграција во регионот преку заеднички регионален пазар, потенцира Вархеи.
Тој нагласи дека вкупната финансиска поддршка на ЕУ за Западен Балкан до 2027 година ќе достигне „споредливо ниво на интензитет на помош“ како во сегашните кохезиони и структурни фондови на ЕУ, што значи 90 проценти од интензитетот на помошта до 2027 година.
Вархеји додаде дека Планот за раст треба да ги забрза реформските процеси во Западен Балкан и посочи дека сите партнери поднеле реформски агенди кои опишуваат како и кога ќе ги завршат реформите неопходни за влез во ЕУ.






