Гордана Јанкулоска од 1 ноември на условен отпуст, Апелација ѝ ја уважи жалбата
На поранешната министерка за внатрешни работи четиригодишната затворска казна ѝ истекува на 28 септември 2024
Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на осудената Гордана Јанкулоска од Скопје, при што решението на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје го преиначи и ја отпушти осудената на 1 ноември 2023 година од издржување на казната затвор, под услов до истекот на условниот отпуст, 28.09.2024 година, да не стори ново кривично дело, информираат од Апелациониот суд Скопје.
По предметот оформен по молбата за условен отпуст на осудената Гордана Јанкулоска од Скопје, од Апелациониот суд Скопје информира дека било одлучувано на нејавна седница одржана на 4 октомври годинава.
„Постапувајќи по кривичниот предмет КР-133/23, Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје, донесе решение со кое ја одби како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, а ја уважи жалбата на осудената Гордана Јанкулоска од Скопје, при што Решението на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје го преиначи и ја отпушти осудената на 01.11.2023 година од издржување на казната затвор, под услов до истекот на условниот отпуст, 28.09.2024 година, да не стори ново кривично дело“, се вели во соопштението од Апелација.






