Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани и шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, амбасадорот Дејвид Гир, денеска во просториите на Министерството за европски прашања одржаа протоколарна средба. На прес-конференцијата по неа, Муртезани направи мал лапсус при читањето на напишата изјава пред медиумите. Имено, наместо Дејвид Гир, новиот министер го претстави својот гостин како познатиот холивудски актер, Ричард Гир, по што набрзо беше поправен од присутните новинари.
Инаку, Гир и новиот министер разговараа за евроинтеграцијата на државата, при што амбасадорот повтори дека нема можност да се репреговара за Преговарачката рамка.
-Секогаш сум бил многу јасен за овој договор што беше постигнат во јули 2022 година што резултираше со отворање на пристапните преговори и скрининг процесот. Не гледам можност за промена на преговарачката рамка и таа позиција не е променета по изборите, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.
Средбата со Муртезани, Гир ја оцени како „добар старт“, посочувајќи дека имал детален разговор за реформската агенда која е дел од планот на ЕУ за раст на Западен Балкан, за досегашната работа на скининг процесот и како да се продолжи врз тоа што е постигнато.
– Очекуваме блиска, регуларна и успешна работна врска со министерот и Министерството, изјави Гир.





