Според неа, средбата со грчкиот министер била дури во пријателска атмосфера, и порача дека „ние, луѓето од Балканот кога е потребно умееме да се разбереме“
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денес на самитот на ПСЈИЕ му обезбеди столче до неа на шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис и за своите аргументи околу Преспанскиот договор – се повика на Сократ. Не само што не се случи видлива драма, туку Сиљановска беше многу задоволна што тој дошол во земјата, што таа не ја спомена ни како „северна“ ни како Македонија.
„Седевме еден до друг. Многу сум задоволна што дојде. Му оставивме простор да се обрати на крајот“, рече Сиљановска на прес-конференцијата по самитот, откако Герапетритис си замина за Грција.
Таа соопшти дека пораките на грчкиот минисетр биле регионални, во смисла дека земјите треба да соработуваат заедно и да ги почитуваат меѓународните обврски, а Преспанскиот договор директно не била тема на самитот. Според неа, средбата со грчкиот министер била дури во пријатна и пријателска атмосфера, по што порача дека „ние, луѓето од Балканот кога е потребно умееме да се разбереме“.
Сепак, во говорот Сиљановска не мрдна од своите реторики, барем што се однесува до јавноста. Така во своето обраќање Сиљановска нагласи дека „довербата се гради преку одрекување од двојните стандарди и почитување на правото и правдата, на принципите на меѓународното право, вклучително и преку немешање во внатрешните работи на државите“.
„Во контекст на европската интеграција, тоа подразбира дека учесниците во Процесот од регионот мора да инсистираат на Копенхагенските критериуми како единствен услов за членство во ЕУ. Ветото е спротивно не само на логиката на Европската унија, туку и на просперитетот на целиот регион. Наместо меѓусебно да се блокираме, ние треба да се однесуваме скандинавски, да соработуваме и да се поддржуваме едни со други“, рече претседателката.
На прес-конференцијата таа и ги повика земјите членки на регионот да ја подржат евроинтеграцијата на земјите што бараат членство, порачувајќи дека само така се гради инклузивна регионална соработка. Проширувањето, пак, порача таа. мора да се заснова на заслуги и на доследно спроведени реформи.
На прашањето од новинарите какви последици ќе има ако продолжи да го избегнува уставното име на државата и да го прекршува Преспанскиот договор, Сиљановска одговори не може да антиципира никакви последици, пред сѐ бидејќи не мисли дека ги прекршува ни Уставот ни Договорот и бидејќи сите документи од нејзиниот кабинет излегуваат со името Северна Македонија.
„Да потсетам, моите документи, тие што ги потпишувам, тие што ги поседувам, пасош, лична карта, сите документи кои излегуваат од кабинетот се со уставното име. Тоа е во рамки на меѓународното право и во рамките на Уставот. Точно е дека секоја изјава на луѓето од политиката, од оние кои се на функции се толкува како да е официјален чин, но секој од нас има, како јин јанг две лица, едно офцијално и едно друго. Јас како човек имам право, повторувам од Сократ до денеска, во рамки на слободата и мислата, слободното изразување на мислата, да се изразувам така како што тоа го правам и не мислам дека тоа е кршење ниту на Уставот ниту на меѓународното право“, истакна Сиљановска Давкова.






