Против скандирањата „УЧК, УЧК“, кој ги изговори Али Ахмети и илјадниците луѓе на скопскиот плоштад пред првиот круг на претседателските избори (а потоа и на други митинзи) ги оцени како „голема грешка“ и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. На митингот на СДСМ и коалицијата во Неготино тој рече:
„Али Ахмети прави голема грешка со скандирањата ‘УЧК’ на предизборните митинзи на ДУИ. Тој знае дека тие скандирања никому не носат добро и единствено што може да направат е разгорување меѓуетничка нетрпеливост во државата“.
Ковачевски го повика Ахмети да се воздржи од реторика која не е соодветна за актуелната сегашност, во која Македонија се стреми кон Европската унија.
„Господине Ахмети, членови и симпатизери на ДУИ, да не дозволиме да се вратиме назад во темните делови од поновата македонска историја. Имаме голема одговорност пред граѓаните, а нашите гласачи кои очекуваат да обезбедиме подобра иднина, да се препукуваме со идеи и концепти за иднината, наместо со закани и плашење. Ние мора да им испорачаме иднина на граѓаните, а не да ги заплашуваме со повици од минатото“, рече Ковачевски.