Македонија Новости Свет Став Стил Топ Вести

Ескобар: Курти има проблем и со САД и со Македонија

Ескобар призна дека САД имаат проблем во комуникацијата со косовскиот премиер и би сакале партнерството да се врати на нивото што го имаа пред него


Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, денес на брифингот со новинарите од регионот порача дека САД немаат проблем со партнерството со  Косово, туку премиерот Албин Курти има проблем со САД –  но и со ЕУ, со НАТО, co Обединетото кралство, со Албанија –  па и со Северна Македонија.

Без да каже на што алудира во однос на нашата држава (веројатно на мешањето во изборите), Ескобар порача дека неисполнување на обврските од Бриселскиот и Охридскиот договор од страна на Курти во рамките на дијалогот со Србија ќе влијае на интеграцијата на оваа земја во НАТО и во ЕУ.

Тој  најдиректно призна дека САД имаат проблем во комуникацијата со косовскиот премиер и дека би сакале партнерството со оваа земја да се врати на нивото што го имаа пред него. Според него, Курти го одбива секој дијалог поради што преговорите со Србија се во критичен момент, јасно порачувајќи дека одлуката на Курти за укинување на динарот предизвикала хаос на Косово. И дека Курти не само што ветил јавно од Скопје дека ќе го реши проблемот а не го сторил тоа, туку и одбива меѓународна техничка помош. Пораката колку што беше упатена на адреса на косовскиот премиер, толку беше упатена и на адреса на албанските опозициски партии кај нас кои го користат Курти како некој кој може да им донесе победа на изборите, иако станува трн во окото на САД. 

Зборувајќи за изборите во Македонија и зошто не ја посети овојпат нашата држава, тој порача дека дека имал повеќе причини – многу лошата ситуација околу Косово, многуте важни избори во Црна Гора кои имаат критичко значење за иднината на таа земја и настојувањето да не биде сфатен дека на некој начин сака да се меше во изборите. 

„Македонија е наш многу солиден партнер, и билатерално и меѓународно, во НАТО и во ОБСЕ. Претходната влада беше посветена на членството на НАТО и на кандидатурата во ЕУ, така што  нашите очекувања се, која и да е гарнитура што ќе дојде на власт по изборите, слично да биде посветена на членството во алијансата, на евроинтеграцијата и на борбата против корупцијата.  Се надевам дека ќе имам можност да ја посетам Северна Македонија по изборите“, порача Ескобар на онлајн брифингот. 

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *