Во Министерството за одбрана , прекувремената работа ќе се плаќа целосно
Вработување без јавен оглас за критичните професии, плаќање на реален надомест за прекувремената работа, напредување според заслугите и спречување на партизација, отворање на АРМ за кадри со попреченост, за деца на умрени и загинати војници во АРМ и слични одредби се дел од првиот закон за вработените во АРМ, кој по повеќе месеци блокади од опозицијата, помина во Собранието.
Ова, според министерката Славјанка Петровска, е прв ваков закон кој ги двои вработените во АРМ од „морето“ на јавната администрација, кој е правен според стандардите на НАТО, кој нуди решенија за проблемите со кои се соочува МО во секојдневното функционирање и, што е најважно, ја прави финансиски привлечна воената професија.
Поради изборите, делот од законот кој има финансиски импликации, т.е. предвидува поголеми исплати, ќе се применува по изборите, но сретствата ќе бидат исплатени ретроактивно, од неговото стапување во сила. Законот, според министерката Петровска, ќе му овозможи на МО подобро да ги менаџира човечките ресурси, ќе биде помотивирачки за вработување во одбраната и ќе овозможи посебни ивластувања (не во смисла на привилегии) на некои, за да можат полесно да ги завршат задачите што произлегуваат од членството во НАТО.






