Предлог законски измени на Изборниот законик, по скратена постапка, со кои, освен имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР се врши и допрецизирање на одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата круга, ќе се најде утре на собраниска седница.
Со преодната одредба од овој предлог се уредува правото избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 (девет) месеци до денот на одржување на изборите.
На собраниската веб-страница, за утре е закажана 147. седница на Собранието, на чиј дневен ред се две точки – Предлог на закон за дополнување на Законот за високото образование и Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, и двете по скратена постапка.
Предлог изменување и дополнување на Изборниот законик се поднесени од пратениците Арбер Адеми (ДУИ), Мартин Костовски (СДСМ) и Никола Мицевски (ВМРО-ДПМНЕ).
Во предлог текстот, се вели дека предложеното законско решение е во насока на подобрување на изборниот процес и обезбедување на еднакво, демократско и слободно избирачко право.
– Преку предложените законски измени се имплементираат препораките на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР нотирани во конечните извештаи за изборите во државата во изминативе години и тоа препораки во делот на законската рамка, постапката на приговор и жалбената постапка за заштита на избирачкото право, набљудувањето на изборите регистрацијата на гласачи, изборната кампања, финансисрањето на капањата, медиумско преставување во изборниот процес. Овие препораки и нивното имплементирање се со цел да подобри спроведувањето на изборите во државата и да се поддржат напорите за нивно целосно усогласување со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, стои во предлог текстот.






