ДУИ : Услов за формирањето на владата ќе бара претседателот да се избира во Собрание
Потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција, Арбр Адеми на денешната прес-конференција истакна дека барањето на ДУИ претседателот на државата да се бира во Собрание ќе остане и при составувањето на идната влада.
„Ова барање ќе биде и по првиот и вториот круг на претседателските избори, и по парламентарните избори, и при составување на владата. Така што, овие вакви и слични изјави сме ги слушнале и кога го промовиравме концептот за прв премиер Албанец. Ама тоа се оствари. Ние мислиме дека ова е многу прогресивна идеја. И заштеда на буџетски средства, но и да се спречи заморот на граѓаните од учеството и во собирањето на потписи и во учеството на кампањата за функцијата претседател на држава. Имајќи предвид дека сме парламентарна демократија логично би било претседателот на државата да се избере во Собрание“, рече тој.
Ова, посочи тој, ќе овозможи претседател со целосен легимитет, заштеда на над 20 милиони евра во државата, десетици илјади граѓани ќе бидат поштедени од процесот на собирање потписи, сите граѓани исто така ќе бидат поштедени од кампањата и учеството на изборите за протоколарна функција.






