Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, истакна дека измените на Изборниот законик се веќе подготвени согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР и во моментот кога ќе бидат ставени на гласање во Собранието, СДСМ ќе ги поддржи. Во однос на посуштински измени на Изборниот законик, Ковачевски останува на ставот дека е предоцна на веќе распишани избори да се менува изборното законодавство.
-Денеска ако ги стават на гласање измените на Изборниот законик, денеска ќе ги изгласаме, рече Ковачевски.
Што се однесува до суштински измени, може да се отвори дискусија но сметам, а гледам дека и другите политички партии сметаат, дека сега е предоцна на веќе распишани избори да се менува изборно законодавство, изјави Ковачевски по денешната посета на Центарот за социјално претприемништво во Скопје.
Ковачевски потенцираше дека СДСМ на изборите ќе има свој претседателски кандидат како и на сите избори од осамостојувањето на државата и ги повика сите политички партии кои ги делат вредностите на СДСМ да го поддржат нивниот кандидат.






