Познатата универзитетската професорка по управно право и поранешна пратеничка, Ана Павловска-Данева стана нова уставна судијка. Таа на денешната собраниска седница беше избрана со 65 гласови „за“ и 26 „против“. По гласањето, ја кажа и потпиша свечената изјава дека функцијата ќе ја извршува одговорно и со почитување на законите и Уставот.
Со овој избор конечно се комплетира составот на Уставниот суд, за што неговата претседателка, Добрила Кацарска, неколку пати ургираше до пратениците.
Претседателот на Собранието, Јован Митрески кажа дека на Павловска-Данева ѝ престануваат сите останати јавни функции и професии кои ги обавувала и членувањето во политичките партии. Ана Павловска-Данева досега предаваше на Правниот факултет во Скопје.
Опозициските пратеници во расправата не ги оспоруваа професионалните квалитети на Павловска-Данева, туку најмногу им пречеше што таа во еден период пред десетина години беше потпретседател на СДСМ, па затоа не веруваат дека Павловска-Данева ќе придонесе да се подобри довербата во судството.
Владеачката СДСМ претходно ја повлече кандидатурата за уставен судија на поранешниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески.






