Македонското нематеријално културно наследство е загрозено, итно е потребна нова системска и законска регулатива
Денешниот патриотизам нужно подразбира квалитативно потпирање на минатото како основа за постоењето. Но, не со претопување во масата, туку со зачувана индивидуалност и интегритет. Тој треба да одговори на предизвиците од своето време и да биде континуитет на веќе поставените темели. Ова, особено се однесува на македонското нематеријално културно наследство кое станува се’ позагрозено. Оттука, на Македонија итно и’ e потребна нова системска и законска регулатива за соодветна заштита на духовното културно наследство, како што се јазикот, фолклорот, обичаите, вели експертот за заштита на културното наследство, Александар Јорданоски.
„Треба системски приод, и квалитативен приод. Не ад-хок и парцијални решенија. Во системската грижа, ние како држава не можеме да кажаме ова е поважно, ова е поневажно. Се’ што е ставено на листа како културно наследство, се’ e важно. Но, уште поважно е системски воспоставена грижа, а тоа значи, и планирање, и финансирање, и реализирање на проекти. Сега го немаме тоа. Сегашниот Закон за заштита на културното наследство е веќе надминат“, – дециден е Александар Јорданоски, лингвист и експерт за заштита на културното наследство.
Од друга страна, и во овој сегмент, својот неповратен данок си го зема иселувањето.Експертите стравуваат дека ќе нема кој да ги реализира проектите.
„Ние можеме да изработиме добри закони, можеме да обезбедиме пари, но ќе немаме луѓе кои ќе ги реализираат проектите. Мислам дека тука е најголемата опасност“, потенцира Јорданоски.
На истиот став се и од Институтот за старословенска култура кој од 2010 година е овластен субјект за заштита на нематеријалното културно наследство и континуирано изработува Елаборати со цел нашето наследство да се зачува во изворната форма и како такво да се пренесува на идните генерации.
„Загрозено е од аспект што постојано се внесуваат нови елементи во некои традиционални обичаи, постојано се забораваат обичаите, цели населби, села се раселуваат и на тој начин всушност нема носители кои што би го предале ова наследство на следните генерации“, – кажа д-р Александар Василески, директор на Институтот за старословенска култура.
На оваа тема, викендов во Прилеп беше промовирана и книгата „Културолошки точки на Македонија“ од експертот за заштита на културното наследство, Александар Јорданоски.





