Македонија Новости Топ Вести

Истражување: Македонскиот медиумски простор исполнет со штетни наративи !


Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави првото истражување за политички штетните наративи во Македонија во кое се  анализира обемот на нивната распространетост во јавната политичка комуникација на политичките партии и политичарите со јавноста во државата, како и медиумското известување за нив.

Притоа, се оценува дека политичките актери во Македонија и медиумите се соучесници во креирање „стварност“ која е исполнета со штетни наративи. Притоа, првите подзабораваат на поставените норми и стандарди за јавна комуникација (транспарентност; етичност; професионалност и непристрасност во комуникацијата; комуникација базирана на докази; негување на културата на говорот и воздржување од дискриминаторски говор), а вторите на етичките кодекси и на основните новинарски правила за информирање на јавноста. Како главен извор на штетни наративи најчесто се јавуваат, според наодите, мал број политички партии, како и дека дел од медиумите со еднострано и некритичко известување, кои помагаат овие токсични наративи да добијат ехо во медиумската средина.

Мониторингот на  јавната комуникација покажува дека во јавниот дискурс  преовладува реторика за корумпираност, нетранспарентност/неотчетност, непрофесионалност, злоупотреба на службената должност без обид за поткрепа на тие тврдења. Непроверени наоди се користат како основа за обвинување на политички противници, за развивање штетни наративи на популизам, за поткопување на довербата во институциите, со пристрасно селектирање на податоци што доведува до погрешни заклучоци и поттикнување општествено-политички поделби во јавноста.

Немањето професионална бариера и проверка на изјавите кои промовираат обвинување без докази, популизам, нетрпеливост, ширење дезинформации, па дури и омраза кон одредени групи кај дел од анализираните медиуми само ги охрабрува политичките актери кои во медиумите гледаат слободна платформа да ги промовираат своите штетни наративи. Едностраното информирање на медиумите, односно претставувањето на само една страна во новинарскиот прилог, е сериозен проблем кој упатува на непрофесионално известување и небалансиран и пристрасен однос.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *