Македонскиот дипломатски синдикат го крева гласот против, како што оценуваат, растечкиот тренд на разбивање на професионалноста и внатрешните регулативи во Министерството за надворешни работи.
-Еклатантен пример за непочитување на внатрешните регулативи е упатувањето на Мухаби Синани на местото генерален конзул во Њујорк, истото она место на кое министерот Османи не успеа да ја упати во тоа време ТВ презентерката Бесмира Ејупи. Имено, Синани, кој што од скоро е вработен во МНР од приватна фирма, не исполнува услови за упатување во странство. Тој минатата недела ги одбрани тезите за упатување без притоа да има стекнато високо дипломатско звање кое е законски услов за именување на генерален конзул.
Дополнително имаме информација и дека оваа недела Синани треба забрзано да полага испити во МНР за унапредување од три нивоа нагоре, како неговото упатување би било приспособено на законските барања за упатување на ниво на генерален конзул. Ваквото забрзано полагање за унапредување од низок во висок ранг на дипломат е противзаконско и спротивно на сите принципи на кариерно напредување, кое што е во директна спротивност со на градењето квалитетна и сериозна дипломатија.
Исто така, дознаваме дека се подготвува упатување на Илми Селами од Чаир за амбасадор во Будимпешта, поради подигање на партискиот рејтинг на Османи во населбата Чаир. Како дипломатски синдикат не се согласуваме со хипер-партизацијата на дипломатијата и нејзина служба во приватни или партиски интереси, ососбено пред избори. Професионалните стандарди мора да бидат светост за секое идно раководство на МНР.






