Откако членовите на Судскиот совет му направија огромна штета на судството сега брзопотезно ја прифатија пресудата со која Дамева се враќа на чело на институцијата
Речиси инстантно откако Управниот суд ја објави пресудата со која разрешувањето на поранешната претседателска на Судскиот совет, Весна Дамева, е незаконско, таа се врати на челото на оваа институција од каде беше отстранета лани во мај.
Претпладне колегиумот, а попладне Судскиот совет на итна седница се состана за да ја разгледа оваа пресуда и да постапи по неа. Во текот на денот Сашко Георгиев поднесе оставка како претседател и со тоа беше овозможено брзо враќање на функцијата на Дамева.
На итната седница имало две точки – оставката на Георгиев, а потоа постапувањето по пресудата на Управниот суд.
Георгиев во своето излагање покрај ретроспективата за неговото назначување и искуството како претседател, нагласи дека неговото назначување воопшто не е дел од пресудата на Управен суд.
„Вчера ја добивме одлуката од Управен суд. Сметам дека е потребно да истакнам дека мојот избор за претседател не е воопшто предмет на оваа пресуда“, рече тој. Георгиев нагласи дека немал никакви притисоци и влијанија, и како што рече, „исклучително совесно, професионално и одговорно работев и го претставував Советот“.
Заменик-претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели рече дека нема да расправаат по одлуката на судот, односно дека со поништувањето на разрешувањето на Дамева, на сила е претходната одлука со која таа е избрана за претседател на Судскиот совет. Зендели најави дека на следната седница ќе преседава Дамева, која ќе одлучи кога таа ќе биде закажана и со кој дневен ред. Дамева во мај поднесе и кривична пријава до обвинителството за сторено продолжено кривично дело злоупотреба на службената должност и овластување.
Во изјавата за медиумите по седницата Весна Дамева рече дека верува оти пресудата на Управниот суд е почеток на враќање на довербата во судството.
Така заврши продолжената конфузија во траење од седум месеци по неочекуваната и драматична смена на Весна Дамева.






